Македонските компании во текот на јануари на странските пазари извезле стоки во вредност од 550 милиони евра, што е за 11,4% помалку во споредба со истиот месец минатата 2023 година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.

Ова е втор најголем месечен пад на извозот од пандемијата навами, по падот од 11,8% во август минатата година. Во изминатите 12 месеци, статистиката измерила месечно намалување на извозот во шест месеци.

Обемот на извезени стоки во јануари годинава бил помал за само 1,3% во споредба со извезените количини на стоки во јануари мин атата година, што значи дека падот во најголем дел се должи на намалувањето на инфлацијата и продажните извозни цени.

Увозот на стоки од странство во истиот месец бележи пад од 5,8% и изнесувал 800 милиони евра. Покриеноста на увозот со извоз во јануари изнесувала 68,8%. Трговскиот дефицит во јануари годинава изнесувал 250 милиони евра, што е раст од 9,4% во споредба со истиот месец лани.

Анализата на податоците покажува дека пад има на речиси сите големи и значајни извозни пазари, а најголем пад на вредноста на извозот има кај нафтените деривати и енергенсите и хемиските производи.

Извозот во Германија, најголемиот извозен пазар за македонската економија, во јануари годинава бележи рекордно најголем пад од 16,5%, додека вкупниот извоз во Европската унија во јануари е намален за 10% во споредба со истиот месец лани.

Извозот во Србија и Косово, исто така важни пазари за македонската економија, во јануари бележи пад од 13,5%%, односно 25,1% во споредба со извозот во ланскиот јануари.
Голем пад од дури 30,5% има кај извозот во Грција, пред се заради големото намалување кај извозот на електрична енергија.

Од друга страна, големо зголемување на вредноста има кај извозот во Чешка од 70%, Романија од 44,2%, Франција од 20,2% и Холандија од 16,3%.