Грција е убедлив лидер кога станува збор за извозот на сирење. Во текот на изминатата година од Грција на странските пазари било извезено сирење во вредност од 602,7 милиони долари, што е раст од 15,6% во споредба со претходната година. Според вредноста на извозот на сирење Грција е 16-ти најголем извозник во светот и убедлив лидер во регионот, покажуваат податоците на Worldtopexport.
Македонските производители на млеко и млечни производи продаваат најмалку сирење во странство. Извозот на сирење во текот на минатата 2020 година изнезувал само 2 милиони долари, што е повеќе за 11,9% во споредба со претходната година.
Бугарија лани имала извоз на сирење на странските пазари во вредност од околу 103 милиони долари, Србија имала извоз во вредност од 51,4 милиони долари, Словенија со извоз од 36,3 милиони долари, Хрватска со извоз од 33,8 милиони долари и БиХ со извоз вреден 4,7 милиони долари.
Извозот на сирење на светско ниво во 2020 година достигна вредност од 32,8 милијарди долари, што е раст од 1,2% на годишно ниво.
Европа е најголем извозник на сирење во светот со 83,5% од вкупниот извоз во вредност од 27,4 милијарди долари.
Најголем извозник на сирење во светот е Германија која лани на странските пазари продала сирење во вредност од 4,8 милијарди долари или 14,6% од вкупниот светски извоз на сирење.
Петте најголеми извозници на сирење Германија, Холандија, Италија, Франција и САД
учествуваат со 54% во вкупниот извоз на сирење во светот во минатата 2020 година.
Податоците покажуваат дека Македонија има поразителни резултати кога е во прашање извозот на сирење, но и извозот на млеко и млечни производи. Посебно ако се спореди со Словенија која со иста територија и број на жители успева годишно да извезува млеко во вредност од над 130 милиони долари, плус заработува и десетици милиони долари од извозот на други млечни производи.