За две години пад од 30 позиции на Македонија според конкурентската способност на талентите

Македонија се наоѓа на 89 место од 132 држави во светот според конкурентската способност на талентите. Ова го покажува последниот Глобален индекс за конкурентност на таленти (GTCI Global Talent Competitive Index) за 2020 година подготвен од Adecco Group, Google и еден од најпрестижните бизнис универзитети во светот INSEAD.

Кој привлекува повеќе?

Според анализа, ерата на вештачката интелигенција (AI) ја засилува дигиталната поделба во светот, давајќи им предност на богатите земји со повисоки доходи уште поголема предност во натпреварот за таленти. Лидери во годинешното рангирање се Швејцарија, САД и Сингапур.

Истражувањето ги мери нивоата на глобалната конкурентна способност на таленти, при што разгледува 71 индикатор. Истражувањето за 2020 година анализира 32 национални економии и 155 градови, според нивото на доходот и фазата на развој.
Највисоките позиции и годинава продолжуваат да бидат заземени од држави со високи доходи, при што постои директна зависност помеѓу вредноста на индексот и висината на БДП по глава на жител.

Европските земји продолжуваат да доминират, заземајќи 17 од 25 највисоки позиции. Од градовите највисоко е рангира Њујорк, а по него следуваат Лондон и Сингапур. На листата од 155 анализирани градови се најде и Скопје, кој е рангиран на 138 место.

Каде е Македонија?

Македонија има вредност на индексот од 36.42, според кој е рангирана на 89 место. Највисоко сме рангирани спо ред квалитетот на регулаторната рамка (Regulatory quality) на 44 место и според ИТК инфраструктурата на 59 место.

Најлошо сме рангирани според инвестициите во нови технологии, дури на 123 место и според соработката на ниво работодавач-вработен на 120 место.

Според задржувањето на таленти, највисоко рангиран е начинот на живот, а најлошо сме рангирани на 129 место според задржувањето на мозоците.

Според конкурентската способност на талентите најдобро рангирана во регионот е Бугарија, која се најде на 55 местом пред Србија (58), Романија (64), Турција (78), но не и пред Грција која е рангирана на 47 место).

Овој Извештај може да послужи како аларм дека е навистина крајно време државата, бизнис секторот и сие други институции да седнат и заеднички да најдат решение за  спречување на забрзаното иселување на младите талентирани и надарени луѓе од земјата.