Извозните компании од Македонија во декември 2024 година на странските пазари извезле стоки во вредност од 565 милиони долари, што е пад од високи 14,2% во споредба со декември 2023 година.

Увозот, пак, во декември достигна 935 милиони евра и е за 2,6 % помал во споредба со декември 2023 година. Со тоа покриеноста на увозот со извоз во декември се намали на само 60,4%.

Пад има во 10 од последните 12 месеци

Од вкупно 12 месеци лани, извозот од Македонија лани бележел пад во дури 10 месеци, а само во два месеци имало раст на извозот во споредба со претходната година.

Падот во декември главно се должи на намалената побарувачка од Германија, поточно од автомобилската индустрија која со соочува со повеќе проблеми.
Статистиката покажува дека во последниот месец од 2024 година во Германија биле извезени стоки во вредност од 190 милиони евра, што е за високи 33,3% помалку во споредба со декември 2023 година. Обемот на извезените производи исто така бележи пад од 22,4%.

За целата 2024 година извозот во Германија изнесувал 3 милијарди евра и е помал за 600 милиони евра во споредба со претходната 2023 година, што е пад од 15,5%.
Но, покрај во Германија,  пад на извоз во 2024 година имало и во Велика Британија (-19,2%), Грција (-14,5%), Кина (-49,4%), Косово (-9,1%).

Од друга страна, најголем раст на извозот лани имало во САД (+120%), Франција (+38,1%), Чешка Република (+35,7%), Бугарија (+19,8%).

Извозот во 2024 година со пад од 6,5%


Во текот на целата 2024 година од Македонија биле извезени стоки вредни 7,8 милијарди евра, што е за 6,5% помалку во споредба со 2023 година. Количински извозот во 2024 година e на речиси исто ниво.
Увозот, пак, во 2024 година надмина 11 милијарди долари, незначителен пад од 0,8%. Со тоа трговскиот дефици за прв пат ја надмина границата од 3 милијарди, достигнувајќи близу 3,3 милијарди евра, зголемување за 16% во споредба со 2023 година.