Во првите пет месеци годинава македонските кондиторски компании продале на странските пазари производи вредни 31,5 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Тоа е зголемување од 22% или 5,6 милиони евра повеќе во споредба со приходите од извоз остварени во истиот период лани.

Инфлацијата и повисоките цени се причина за поголемиот раст на вредноста на извозот, додека извезените количини бележат раст за 3,9% во споредба со лани.

Најголем извозен пазар за македонските кондиторски производи во првите пет месеци годинава се извезени вредни 5 милиони евра. Втор најголем ивозен пазар е Хрватска со извоз од 3,75 милион евра. Следат Романија со извоз од 3,2 милион евра, Србија со извоз од 3 милиони евра, БиХ со извоз од 1,9 милиони евра, Чешка со извоз од 1,5 милиони евра, Германија со извоз од 1,4 милиони евра, Бугарија со извоз од 1,4 милиони евра и Словенија и Италија со извоз вреден 1,2 милиони евра.

Кондиторски производи произведени во Македонија се извезувале на 50 пазари во првите пет месеци, а извоз поголем од 1 милион евра имало на 11 пазари.

Повеќе извезуваме отколку што увезуваме кондиторски производи

Кондиторските производи се меѓу ретките каде имаме трговски суфицит, односно повеќе се извезуваат отколку што се увезуваат. Така во првите пет месеци годинава во земјава биле увезени кондиторски производи вредни 24,5 милиони евра. Тоа значи дека во трговијата со кондиторски производи со странство има вишок од близу 7 милиони евра.
Но, увозот гофинава растел многу од извозот и бил поголем за 37% во споредба со истиот период лани.

Кондиторските компании се најбројни меѓу извозните на храна од Македонија, а најголем извозник од прехранбената индустрија веќе неколку години наназад е македонската кондиторска компанија Макпрогрес.