Извозот на храна од Македонија во првите седум месеци годинава достигна вредност од 251, 5 милион евра, што е раст од 16,5 % во споредба со истиот период лани. Но, ако се гледа количински, извозот на храна од државата во истиот период изнесувал 258 милиони килограми и бележи раст од 5,1%. Што значи дека поголемиот раст на извозот на храна се должи на инфлацијата и зголемувањето на цените на продадените производи во странство.
Најголем дел од извозот на храна во периодот јануари-јули годинава или 43% отпаѓа на извозот на зеленчук, овошје и нивни преработки, со вредност на извозот од 108,8 милиони евра, која е поголема за 13,5% во споредба со истиот период лани.
Количината на извезениот зеленчук и овошје бележи раст од 8,7%, достигнувајќи 170 милиони килограми.
Втора најголема извозна ставка во извозот на храна од Македонија во првите седум месеци годинава се житата и преработките од жита, каде најголем удел всушност отпаѓа на извозот на кондиторски производи. Врендоста на извозот на жита и преработки на жита во периодот јануари –јули годинава бележи раст од 19,3%. Количински извозот на оваа категорија производи во истиот период е зголемена за 2,2%.
Следи извозот на месо и преработки од месо со вредност на продажба на странски пазари од 24,2 милиони евра, раст од 1,7% во споредба со истиот период лани. Количински извозот на месо и прерабортки од месо бележи намалување од 9,5%, на 5.937 илјади килограми.
Извозот на млеко и млечни производи е четврта по вредност ставка во извозот на храна од земјава, со вредност од 15,7 милиони евра, раст од 11,8% во споредба со истиот период лани. Количински, извозот на млеко и млечни производи во периодот јануари-јули годинава бележи пад од 16,1%, на 6.524 илјади килограми.
Увозот на храна во периодот од јануари до јули 2022 година изнесувал 497,5 милиони евра и врендосно е поголем за 19,5%.