Производството во македонската индустрија паѓа четврти месец по ред. Во јуни индустриското производство се намалило за 6,5% во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во мај индустриското производство забележа пад од 13,2%, во април падот беше 1,2%, а во мај производството во индустријата се намали за 10,4%.
Во последните 12 месеци, пак, дури во осум месеци имало пад на индустриското производство, што е показател на проблемите со кои се соочува македонската индустрија, почнувајќи од високата инфлација, поскапувањето на суровините, транспортот, проблемките во синџирите на снабдување и зголемувањето на платите.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека производството паѓа во речиси секоја индустрија. Во секторот Рударство и вадење камен индустриското производство во мај има пад од 9,5%, во секторот Снабдување со енергија, гас има пад од 16,7%, додека производството во Преработувачката индустрија, каде се создава околу 80% од целото индустриско производство, е помало за 4,2% во јуни годинава во споредба со истиот месец лани.
Најголемо намалување на производството во јуни годинава имало кај тутунските производи од дури 43%, кај производството на компјутерски и електронски производи од 37,8%, производство на фабрикувани метални производи од 35,1%, производството на хемиски производи од 24,4%, производство на метали од 22%, производството на облека од 19,8%, производството на лекови од 15,3%…
За периодот од јануари до јуни 2024 година индустриското производство бележи пад од 5,1%.