Годишната инфлација во Грција во месец јуни дополнително се намалила и изнесува 1,8%, наспроти 2,8% во мај, меѓутоа цените на прехранбените производи остануваат високи, согласно официјалните податоците од грчката служба за статистика.
Намалувањето на инфлацијата во главно се должи на падот на цените на нафтата, природниот гас и електричната енергија.
За една година, од јуни 2022 до јуни 2023 година цената на природниот гас се намалила за 54,7 отсто, на електричната енергија за 21,7 проценти, а на нафтата за греење 20,7 проценти.
Инфалцијата на прехранбените производи достигнува 12,2%.
Зголемени се цените на основните продукти, односно млечните производи и јајцата се за 15,3 отсто поскапи во споредба со лани, зеленчукот за 14,7 проценти, маслата и мастите за 14,2 отсто, месото за 11,4 проценти, шеќерот, чоколадите, сладоледите за 10,9 отсто, кафето и чајот за 10,5 проценти, овошјето за 10,3 отсто, лебот и житните производи за 9,5 отсто, итн.
Инфлацијата во Грција од почетокот на годинава, секој месец дополнително се намалува.
Во јануари годинава беше 7 проценти, во февруари 6,1 отсто, во март 4,6 проценти, во април 3 отсто, а во мај дополнително се намали на 2,8 отсто.