Република Северна Македонија и официјално е 30-та земја членка на НАТО.
Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на нашата земја во полноправно членство во НАТО, денеска истовремено ќе бидат подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД.
На свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел, во 15:00 часот по средноевропско време, присуствуваа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседавачот на Воениот комитет на Алијансата маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров.
“Денеска го остваруваме најголемиот успех на нашата земја од нејзината независност до денес. Знамето на Република Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО. Патот беше долг, но наградата што пристигна денеска со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел ја заслуживме. Бидете горди почитувани мои сограѓани”, изјави премиерот Оливер Спасовски во обраќањето по повод кревањето на знамето на Македонија попладнево пред седиштето на НАТО во Брисел, на церемонија со која се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.
ЌЗнамето на Република Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја. Навистина ние денеска водиме една друга битка, битка со короната. Но, за момент ќе си дозволиме да се израдуваме, да се запише дека денеска е ден за паметење, ден историја. Ден кога нашето знаме се развиори заедно и рамноправно со другите од семејството на Северноатлатнската алијанса, најмоќниот военобезбедносен сојуз со историјата на човештвото”, рече Спасовски.
„Денес граѓаните на Северна Македонија ќе им се придружат на над милијарда луѓе кои стојат заедно за светскиот мир и просперитет – и нема зборови за да го искажеме нашето чувство за достигнување и радост“, вели министерката Шекеринска.
„Ова историско достигнување е резултат на тешки одлуки и години посветеност и реформи кои би биле невозможни без целосната поддршка од нашите граѓани. Ви благодарам на сите вас кои ја поддржавте Северна Македонија во овој процес и не дозволивте да ја изгубиме вербата до конечниот исход“, истакна таа во поздравното обраќање.
Министерката рече дека секоја генерација има своја битка и додека нашите баби и дедовци, родители се бореле за слобода и независност, оваа генерација се избори да ја постави нашата земја на картата на демократските и напредни земји. „Нашето пристапување во НАТО е нашата прва победа“, порача Шекеринска нагласувајќи дека битката за зачленувањето во Алијансата започна пред 27 години и ги обедини сите граѓани.
„Иако денес не стојам овде со вас, дозволете ми да ве уверам дека секогаш ќе стојам зад универзалните вредности заедно со мојата земја“, истакна Шекеринска во поздравното обраќање на церемонијата во Норфолк, САД.
“Дојде и тој ден! Македонското знаме гордо се вее меѓу 29 знамиња на НАТО сојузниците. Безбедна и сигурна иднина!, напиша денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на неговиот официјален фејсбук профил
“Една држава е силна колку што и’ е силна армијата. Една држава е силна колку што и’ е силна економијата. Една држава е силна колку што и’ се силни демократските институции. Но една држава е исто така толку силна, колку што и’ се бројни и силни сојузниците. Во нормални и во вонредни околности. Ќе не биде!, порача на неговиот Димитров
Инаку, формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на нашата земја во алијансата.