Полската влада планира привремено зголемување на корпоративниот данок за големите добавувачи на енергија и компаниите за гориво. Приходите ќе се користат за финансирање на помош за енергетски интензивните индустрии. Даночната стапка е предвидено да се зголеми од сегашните 19 % на 30 % во 2027 година, според нацрт-законот објавен во четврток.
Компаниите во секторите за нафта, гас и електрична енергија со годишни приходи над 50 милиони евра ќе бидат погодени. Во следните години, се очекува даночното оптоварување постепено да се намалува: на 26% во 2028 година и 23 % во 2029 година, пред да се врати на првичното ниво од 19 % во 2030 година.
Во документот се наведува дека индустријата се соочува со највисоките цени на енергијата во Европската унија (ЕУ). Владата, исто така, ги наведе „невообичаено високите“ профити на компаниите за енергија и гориво како резултат на моменталните геополитички тензии, како и потребата да се покријат зголемените трошоци за одбрана по руската инвазија на Украина.
Според документот, трошоците за енергија во ЕУ неодамна беа два до три пати повисоки отколку во САД и Азија.






















