Бруто домашниот производ или вкупната вредност на производите и услугите произведени во Македонија минатата година изнесувал 11 милијарди евра (664 милијарди денари), што е за 4,5% помалку во споредба со претходната 2019 година, покажуваат денеска објавените податоци на Државниот завод за статистика.

Извозот на стоки и услуги номинално се намалил за 10,9%, додека увозот има пад од 10,5%.

Финалната потрошувачка на домаќинствата минатата година се намалила за околу 5,6%, додека јавната потрошувачка има раст од 10,1 %. Бруто-инвестициите имаат пад од 10,2%.
Гледано по сектори, најголем пад од 10,6% има кај преработувачката индустрија. Голем пад од 7,9 %  има и кај трговијата на големо и трговијата на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Нешто помал пад од 2,1% има кај градежништвото

Последниот квартал на 2020 година, македонскиот БДП бележи пад од 0,7% на годишно ниво, што е трет последователен пад на македонската економија. Во вториот  квартал БДП се намали за 14,9%, додека третиот квартал заврши со пад од 3,3%.

Во 2019 година, Македонија забележа економски раст од 3,6%.

Светската банка соопшти во јануари дека очекува македонската економија да има раст од 3,6% во 2021 година.