Македонските компании во текот на март годинава на странските пазари извезле стоки во вредност од 722 милиони евра, што е за 8,1% помалку во споредба со истиот месец минатата 2023 година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Ако се анализираат извезените количии на стоки во странство во март, тие се помали за 7,2%.
Ова е трет последователен месечен пад на извозот, однсно продажбите на странските пазари од земјава бележат постојан пад во 2024 година. Во јануари 2024 година статистиката измери пад на извозот од 11,4%, додека во февруари падот изнесуваше 8,6%. Првиот квартал годинава завршува со пад на извозот од 9,2%, достигнувајќи вредност од 1,93 милијарди евра.
Увозот од странство во март годинава изнесувал 991 милион евра и е помал за 0,4% во споредба со истиот месец. Во првите три месеци, пак, увозот од странство достигна вредност од 2,7 милијарди евра.
Со тоа покриеноста на увозот со извоз во март изнесуваше 72,8%, додека трговскиот дефицит во март годинава надмина 269 милиони евра и е за 30% поголем од трговскиот дефицит во март 2023 година.
Во првите три месеци, пак, покриеноста на увозот со извоз изнесува 70,5%, при што трговскиот дефицит надмина 806 милиони евра и е за 27% поголем во споредба со првиот квартал од 2023 година.