Претседателот на Групацијата за преработка на месо и производи од месо, Гоце Трајчев, на прес конференција информираше дека членките на комората дел од Групацијата започнуваат кампања насловена  ДОМАШНО-КВАЛИТЕТНО-ЕВТИНО, со што домашните, квалитетни евтини месни производи ќе бидат достапни за секој граѓанин, како одговор на кризата која се повеќе ја намали  куповната моќ на граѓаните. Целта, како што изјави Трајчев пред медиумите е бенефитот да биде и за граѓаните и за Владата и за стопанството и затоа повика на активно вклучување на сите чинители во кампањата преку акцијата КУПУВАЈТЕ ДОМАШНИ ПРОИЗВОДИ.

Трајчев објасни дека сега 35% од цената на производот отпаѓа на давачки по разни основи кон буџетот. За да може да се намали цената на производите, за 10-15% потребно е да се донесе антикризна мерка: ослободување на царината за увоз на смрзнато свинско месо за преработка. Мерката беше на сила 4 години, но заврши во јуни оваа година, и на тој начин доведе до зголемување на цената на месните преработки, што ги направи компаниите неконкурентни на домашниот пазар, затоа што готовите производи од увоз немаат никакви царини, а домашните фирми плаќаат од 19% до 35 % на увезената суровина. Компаниите беше речено, не бараат протекционизам, ниту субвенционирање, туку изедначување со странските производители. Тоа е нужниот услов за трошење на домашните производи.

Со енергетската мерка од Владата за плаќање на фиксна цена за електрична енергија, сакајќи веднаш да се постигне намалување на цените за повеќе од 10% и продолжување со работа на гранката неопходно  е:

  • предложената антикризна мерка да биде усвоена од Владата;
  • правилата за набавка на електрична енергија јавно и јасно да бидат објавени и да важат за сите правни субјекти од истата гранка подеднакво.

Цените на 50-на производи, на свежото свинско месо и на дел од пилешкиот асортиман, од денеска се веќе намалени согласно договореното со Владата, за возрат се очекува во најбрз можен рок да се надмине проблемот и да се потпишат договорите за фиксна цена на електричната енергија, за што вчера е добиено и писмено известување од ЕВН Македонија до кризниот штаб на Комората. Трајчев на прес-конференција во Комората напомена дека компаниите се подготвени вишокот струја да го дадат гратис, за тоа да не биде пречка и да добијат субвенционирана електрична енергија.

Компаниите од месната индустрија се обврзуваат вели Трајчев да произведуваат квалитетни, евтини производи  достапни за секој граѓанин.