Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчера одржа редовна седница на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата било оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25%, со што монетарната политика го задржа олабавениот карактер.
“Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше потврдено дека вкупната ликвидност ослободена преку основниот инструмент на Народната банка од почетокот на пандемијата е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари”, информираат од Народната банка.

 Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9% на годишна основа, во услови на трет бран на ковид-19 и негово негативно влијание врз динамиката на економското закрепнување. Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Тековните расположливи високофреквентни податоци за периодот април – мај упатуваат на висок годишен раст на економската активност во вториот квартал, пред сѐ заради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19 во овој период од минатата година, а делумно и поради стабилизирањето на епидемиолошката состојба и започнатата имунизација во земјата. Имено, податоците за овој период покажуваат високи годишни стапки на раст кај индустриското производство, прометот во вкупната трговија и угостителството.

 Во однос на инфлациските движења, просечниот годишен раст на потрошувачките цени во првото полугодие на 2021 година изнесува 2,4% и е блиску до очекувањата од априлскиот циклус проекции на Народната банка. Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Притоа, и натаму е нагласена неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа.

 Девизните резерви, на крајот на јуни 2021 година, се повисоки во однос на состојбата на крајот на првиот квартал, со што и натаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје од 2021 година, податоците за април и мај засега упатуваат на повисок трговски дефицит од очекуваниот за вториот квартал од годината. Последните податоци за менувачкото работење укажуваат на повисоки нето-приливи кај приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал од 2021 година.

 Во рамките на монетарниот сектор, движењата и натаму покажуваат солидна годишна динамика на раст на депозитите и кредитите, а согласно со првичните податоци заклучно со јуни 2021 година, годишниот раст на депозитите е во согласност со очекувањата, додека растот кај кредитите е над проектираниот.

 “Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидностa во банкарскиот систем се задржа на релативно солидно и стабилно ниво, a банките тргуваа со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари повремено, при крајот на јуни. На девизниот пазар во јуни продолжи зголемувањето на нето-откупот на девизи од менувачниците, при што износот беше повисок во однос на истиот месец од минатата година, но и во однос на јуни 2019 година пред почетокот на здравствената криза. Нето-побарувачката на девизи на корпоративниот сектор и натаму е релативно стабилна и речиси во целост беше покриена преку девизните средства на банките. Девизниот пазар беше релативно поволен и во досегашниот тек на јули. Народната банка имаше незначителни интервенции со продажба, остварени на почетокот на јуни”; велат од Народната банка.

 Во јуни, на меѓународните финансиски пазари преовладуваа очекувањата за поддршка за економиите од страна на носителите на политиките и оптимизмот, поради намалениот број новозаразени лица од корона-вирусот. Имено, заради одржување поволни финансиски услови подолг период, и покрај знаците за закрепнување на економиите и растот на инфлацијата за којшто беше оценето дека е од привремен карактер, најголемите централни банки продолжија со спроведувањето олабавена монетарна политика и ги задржаа обемните програми за олеснување на условите за финансирање на приватниот сектор. Во такви околности, приносите на најбезбедните државни обврзници во еврозоната и САД и натаму се на релативно ниски нивоа.

На седницата на Комитетот било заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри засега се во рамките на очекувањата, но дека неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат.
Од Народната банка велат дека и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.