Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 21.7 %, неизвесното економско опкружување со 16.5 %, недостигот на квалификувана работна сила
со 14.8 % и недоволната домашна побарувачка со 14.9 %, покажува најновиот извештај за тенденциите во преработувачката индустрија за месец февруари.
Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во февруари 2021 година е зголемен за 0.4 процентни поени во однос на јануари 2021 година и изнесува 14.2, а во однос на февруари 2020 година е намален за 8.5 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во февруари 2021, во однос на јануари 2021 година, е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во февруари 2021 година е поповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна во однос на февруари 2020 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во февруари 2021 година изнесува 70.7 % од нормалното искористување.