Недостаток на сезонски работници како последица од кризата со коронавирус може да доведе до сериозни недостатоци на овошје и зеленчук во Германија во текот на следните неколку месеци, предупреди еден од најголемите добавувачи во Европа.
Frutania, водечки снабдувач на производи, вклучително бобинки, аспарагус, јаболка, круши, домати и зеленчук на најголемите пазари и супермаркети информира дека очекува сериозни проблеми во однос на одржување на потребните количини на пазарот, откако федералната влада постави ограничувања за влез на странските сезонски работници во земјата.
Со неколку производи што треба да се соберат во наредните недели, директор на Frutania, Маркус Шнајдер, вели дека Германија се соочува со големи тесни грло не само во 2020 година, туку и за наредните години.
Информациите од повеќе од 150 одгледувачи и снабдувачи на компанијата, покажуваат дека тие се соочуваат со недостаток на околу 10.000 сезонски работници.
„Компаниите со кои работиме не можат да ги донесат своите земјоделски производи заради пречките во транспортот. Увозот од соседните земји исто така може да не биде целосно загарантиран“, вели Шнајдер.
Високата зависност на Германија од снабдување од надвор во периодот од април до септември може да значи дека потрошувачите може да гледаат и празни полици во одделите за овошје и зеленчук во супермаркетите, предупреди Шнајдер.
Министерството за земјоделство на Германија во средата објави дека работат на решенија за да им се овозможи на работниците од Источна европа да дојдат да работат во Германија.
Минатата недела, како дел од мерките за спречување на ширење на коронавирусот, министерот за внатрешни работи на Германија забрани влез на сезонските работници од источна Европа, пред се од Романија, Бугарија и Полска, во земјата.
„Мораме јасно да кажеме дека синџирот на снабдување со храна, кој несомнено ги вклучува земјоделците и нивните работници, е релевантен за одржување на целиот системот“, изјави министерката за земјоделство на Германија, Јулија Клоекнер, која побара да се изнајдат начини на кои би можеле сезонските работници брзо да се донесат во земјата.
Околу 300.000 сезонски работници годишно помагаат на германските полиња, претежно од источноевропски земји како Романија, Бугарија, Полска, но и другите балкански држави.
Министерката Клоекнер ги предложи и невработените како можна замена за сезонските работници од Источна Европа.
„Но, овие работници се само мала помош. Тие не можат да ги заменат сезонските работници кои се обучени и искусни“, рече Колекнер.