Тековниот недостиг на полупроводници и чипови се очекува да ја чини светската автомобилска индустрија 110 милијарди долари приходи во 2021 година, проценува консултантската фирма AlixPartners.

Прогнозата се зголеми за 81,5% од првичната прогноза за загуби од 60,6 милијарди долари, што фирмата со седиште во Њујорк ја објави кон крајот на јануари, кога проблемот со недостиг на чипови започна да предизвикува намалување на производството на автомобили во повеќе фабрики низ светот.

Марк Вејкфилд, глобален ко-водач на автомобилската и индустриската пракса во AlixPartners, вели дека голем број фактори придонеле за зголемувањето, вклучително и пожарот во фабриката во близина на Токио за снабдувачот на чипови Ренесас и пореметувањата заради лошите временски услови во синџирот на снабдување.

„Кризата со чипови предизвикана од пандемијата е влошена од настани што вообичаено се само удари на патот за автомобилската индустрија, како што се пожарот во клучната фабрика за производство на чипови, тешките временски услови во Тексас и сушата во Тајван“, вели Вејкфилд.

„Но, сите овие работи сега се главни проблеми за индустријата – што, пак, ја поттикна потребата да се изгради отпорност на синџирот на снабдување на долг рок”.

AlixPartners прогнозира дека годинава ќе биде изгубено производство на 3,9 милиони возила како резултат на скратувањата предизвикани од недостигот на чипови.
Тоа е повеќе од предвидувањата во јануари според кои се прогнозираше недостатокот на чипови да го намали производството за 2,2 милиони возила.

Полупроводничките чипови се исклучително важни компоненти на новите возила за повеќе системи. Во зависност од возилото и неговите опции, експертите велат дека возилото може да има стотици полупроводници, ако не и повеќе.

„Денес има до 1.400 чипови во едно типично возило, и тој број ќе се зголемува како што индустријата ќе преминува кон електрични возила и автономни возила“, вели Дан Хирш, управен директор во автомобилската и индустриската пракса на AlixPartners. „Ова е навистина критично прашање за индустријата”.

AlixPartners очекува најголемо влијание врз производството во вториот квартал, а потоа прогресивно ќе се подобрува во текот на втората половина на годината и до 2022 година, изјави Хирш.

Тоа не значи дека ограничувањата во снабдувањето ќе бидат целосно решени следната година, но Хирш вели дека производителите на автомобили би требало да имаат доволно полупроводници за да произведат возила колку што сакаат.

Глобалната автомобилска индустрија е исклучително комплексен систем на трговци на мало, производители на автомобили и добавувачи. Голем дел од проблемот започнува на дното на синџирот на снабдување.

Потеклото на недостигот на чипови датира од почетокот на минатата година кога пандемијата на Ковид 19 предизвика затворања на погоните за склопување на возила. Како што затворија автомобилските фабрики, снабдувачите на чипови ги пренасочија деловите во други сектори, како што е потрошувачката електроника, за кои се зголемија нарачките заради работата од дома во многу индустрии.

Хирш рече дека најголем приоритет за компаниите во моментов е „ублажување на најдобро што можат на краткорочните ефекти од ова нарушување“, што може да вклучува сè, од преговарање за договори до управување со очекувањата на заемодавателите и инвеститорите.

Извор: CNBC