Најголемите производители на автомобили во светот се исправени пред сериозна закана да го намалат или стопираат производството заради сериозниот недостиг на полупроводници.
Ford Motor, Toyota, Fiat Chrysler и Nissan Motor се најновите компании кои вчера соопштија дека ќе го намалат производството на возила овој месец поради недостаток на полупроводници. Renault, Daimler и General Motors се исто така меѓу компаниите кои се соочуваат со недостиг на полупроводници.
Минатиот месец Volkswagen изјави дека ќе произведе 100.000 автомобили помалку во првото тримесечие годинава во фабриките во Европа, Северна Америка и Кина, бидејќи производителите на автоделови Continental и Bosch се соочуваат со проблеми во навремена испорака од своите поддобавувачи.
Honda, третиoт по големина производител на автомобили вo Jaпониja, исто така објави дека планира да го намали производството на некои модели автомобили во текот на следните месеци поради недостиг на чипови, предизвикан од зголемената побарувачка на потрошувачите за електронски уреди во текот на пандемијата.
Претходно и неколку други автомобилски компании објавија дека имаат проблеми во редовното снабдување бидејќи производителите на чипови се соочуваат со проблеми при испоракатa заради зголемената побарувачка за смартфони, таблети, компјутери и други електронски уреди.
Брзиот раст на пазарот на електрични автомобили исто така ја зголемува побарувачкта на полупроводници од автомобилската индустрија.
Bosch, најголемиот доставувач на автомобилски делови во светот информираше дека ќе добие „значително помалку“ чипови за компонентите, кои ги произведува. Continental информираше дека  има „исклучителна нестабилност“ во синџирите за набавка на полупроводници. Францускиот Valeo исто така потврди дека се соочува со недостиг на полупроводници на пазарот.
„По сопирањето на индустријата во раната фаза на кризата и намалената побарувачка, автомобилските производители во сите  региони го зголемија обемотна производството многу побрзо, отколку што  се очекуваше. Тоа резултира со недостиг на полупроводници “, посочуваат од Continental.
Некои производители на автомобили би можеле да го намалат производството за 10%до 20% неделно од февруари.
Капацитетот за производство на чипови е намален на глобално ниво, бидејќи побарувачката за лаптопи е зголемена заради работењето од дома. Зголемена е продажбата и на  компјутерите и конзолите за играње. И потегот на регулаторите на САД да ја стават на црната листа China’s Semiconductor Manufacturing International Corp, најголемиот договорен производител на чипови во таа земја, принуди многу фирми за чипови низ целиот свет да се обидат да најдат нови партнери.
Со недостигот на полупроводници се соочуваат и производителите на електронски уреди, но автомобилските компании се подолу во синџирите за снабдување од на пример Apple или HP, кои плаќаат многу повеќе за полупроводниците.
Аналитичарот на „Credit Suisse“, Даниел Леви вели дека проблемите со снабдување со чипови може да го ограничат краткорочното производство на автомобили за индустријата, но претставниците на индустријата изјавија дека имаат приоритет на производството на возила со повисок профит.