Фото: Freepik

Извозот на храна од Македонија во првите четири месеци изнесувал 172 милиони евра, што е за 17,4% повеќе во споредба со истиот период лани, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
На 71 пазар низ светот биле извезени 148 илјади тони храна. Анализата на извозот на храна по пазари покажува дека во земјите од регионот најмногу се продава македонското овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

Дури 71 милион евра од вкупниот извоз на храна отпаѓа на извозот на овошје и зеленчук и преработики. Од нив, најголем дел или 37,5 милиони евра се од продажба на свеж зеленчук, а најизвезувам зеленчук е зелката со извозен приход од близу 26 милиони евра во првите четири месеци годинава. Од извоз на овошје во истиот период се остварени само 6,2 милиони евра извозен приход.

Втора најголема извозна ставка се жита и производи од жита со продажби во странство од близу 40 милиони евра во периодот од јануари до април. Во оваа група, најголем извоз се прави од продажба на кондиторските производи од странство. Следи извозот на месо и преработки од месо со вредност од 20 милиони евра.

Во првите четири месеци најголем извоз на храна од 21,7 милиони е остварен во Косово. Втор најголем извозен пазар за македонската храна во првите четири месеци годинава била Србија со извоз вреден 19,2 милиони евра. Следат Хрватска со извоз од 14,8 милиони евра, Полска со извоз 9,3 милиони евра, Босна и Херцеговина со извоз од 9,1 милиони евра, Италија со извоз од 9,1 милиони евра, Бугарија (8 милиони евра), Романија ( 7,4 милиони евра), Германија ( 7,3 милиони евра) и Грција (7 милиони евра).