Пред десет години започна со реализација една убава идеја со само десет вработени, која денес брои 1000. Ова беше истакнато на прославата по повод десетгодишнината од почнувањето со работа на ОДВ Електрик во Македонија, што се одржа синоќа во индустриската зона Струга – Охрид, на која присуствуваа бројни гости. Меѓу нив беа сопствениците и раководителите на ОДВ Електрик Андреа, Матијас и Александар Мед, генералниот директор на компанијата Мартин Ехрет, директорката на Германската стопанската комора во Македонија Антје Вандет, директорот на ОДВ Електрик Македонија Огнен Цубалевски, вработени, пријатели, деловни партнери и соработници.
Генералниот директор на ОДВ Електрик, Мартин Ехрет, се наврати на почетоците на ОДВ Електрик во Македонија кога, како што посочи, била изнајмена постоечка хала, реновирана и прилагодена за производство, со адаптиран дел за администрација, по што започна и вработувањето на првите работници.
“Искуството што го имавме при поставување на погони во Унгарија и Украина ни помогна брзо и ефикасно да креираме процедури и процеси и многу брзо да започнеме со производство на првите производи. Новите колеги беа обучувани во фабриката во Украина, за тоа време се инсталираше производствена опрема и системи. Со многу посветеност, производството на DBS4 започна во зимата 2014 година. На крајот на таа година веќе имаше 20 вработени во ОДВ. Првата серија на производи беше испорачана во јануари 2015 година. За почетоците во Македонија посебно се заслужни Лудвиг Батон, Огнен Цубалевски и Кристијан Мајер, како и Михаел Трауд од фабриката во Украина. Во 2015 и 2016 година ја изградивме првата хала овде во Струга и работната сила порасна на 156 луѓе. Тогаш се префрлија и производтсвените капацитети од Охрид овде, истакна Ехрет.
Директорот на ОДВ Електрик Македонија, Огнен Цубалевски, се осврна на растот и развојот на компанијата изминатата декада.
Кога ќе погледнеме сега околу нас од едно мало погонче што беше адаптирано од нас, имаме една од најсовремените фабрики во Македонија. Имаме 10 000 квадрати фабрика и врвна технологија. Сето тоа без вас вработените немаше да биде можно. Но, дали е само зградата и технологијата тоа што се промени? Јас сум најмногу горд и мислам дека основата на нашиот успех сте вие. Многу од вас се сеќавам кога доаѓавте на интервјуа немавте воопшто индустриско искуство. Сега вие сте едни од најдобрите работници во целата автомобилска индустрија во светот. Тоа го покажува нашиот континуиран квалитет. Основите на нашиот успех се почитта кон секој еден вработен и еднаквите можности за напредок во компанијата за сите вработен, рече во обраќањето пред присутните Цубалевски
Директорката на Германската стопанската комора во Македонија, Антје Вандет, искажа огромно задоволство што е присутна на прославата на 10 годишнинатата на ОДВ Електрик во Македонија.
“Во име на германската Стопанска комора во Македонија и Германско македонската бизнис асоцијација DMWW, би сакала да изразам благодарност и да упатам признание до директорот Огнен Цубалевски и неговиот тим за нивната голема посветеност во изминатите 10 години. Имав голема среќа што дојдов во Македонија пред една година како германски деловен делегат. Велам среќа зошто ми се даде можноста да ги запознам и да ги поддржувам германските компании, како на пример ОДВ, кои произведуваат висококвалитетни производи за германската автомобилска индустрија”, рече Вандет посочувајќи дека успешната десетгодишна приказна на ОДВ во Македонија е животно дело на Цубалевски, обликувано со неговите вредности, страста која ја вложува во водењето на компанијата и грижата за вработените.
Целиот текст можете да го прочитате на порталот Охридњус.
Според последната едиција Топ 100 Извозници, ОДВ Електрик Македонија е 68 најголем извозник од земјава, со извоз од 10 милиони евра во 2022 година.