Нафтената индустрија е една од најпогодените од пандемијата со корона вирус како последица на намалената потрошувачка со затворањата кои многу земји ги преземаа за да го спречат ширењето на вирусот, како големиот пад на цената на нафтата на светските берзи.
Нафтената компанија Окта е една од компаниите кои се силно погодени од пандемијата со Ковид 19. Неревидираниот финансиски извештај објавен на Македонската берза покажува дека компанијата во првите девет месеци годинава имала пад на приходите од продажба од 43% и пад на нето добивката од дури 62% во споредбасо истиот период минатата 3029 година.
Вкупните приходи од продажба на нафтени деривати на Окта во периодот јануари до септември изнесувале 187 милиони евра, од кои најголемиот дел или 80% се направени на домашниот пазар, кој во овој период изнесувале 150 милиони евра и се за 42% помали во споредба со приходите остварени во истиот период лани.
Извозот или продажбите на странски пазари на Окта во првите девет месеци изнесувале 36 милиони евра и се за 48% помали во споредба со истиот период минатата година.
Како резултат на намалените продажби и пониските цени на нафтените деривати, Окта во првите девет месеци годинава работела со нето добивка од околу 1 милион евра, што е за 62% помалку во споредба со истиот период минатата година, кога компанијата пријавила нето добивка од 2,7 милиони евра.
Во соопштението доставено до Македонската берза севели дека компанијата успешно се справила со предизвиците со кои се соочила во услови на несигурно пазарно опкружување, потпирајќи се на позитивните резултати од воспоставената стратегија.
“Внимателниот финансиски менаџмент и ефективните мерки за контрола на трошоците во сите деловни сегменти, ѝ овозможија на ОКТА постепено да ги неутрализира ефектите од притисоците врз маржата. Како резултат на тоа, ОКТА го започна третиот квартал од 2020 година со значително зголемена профитабилност, главно водена од проактивното управување со контролата на трошоци, поддржано од позитивните ефекти од добиените тендери за снабдување на Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, како и постигнувањето подобрена оперативна ефикасност”, објаснуваат од Окта.
Компанијата Окта е во доминантна сопственост на грчката компанија Elpet Balkaniki, која поседува 81,51% од акциите во компанијата. Грчката нафтена компанија Hellenic Petroleum, пак, e 100% сопственик на Elpet Balkaniki.
Покрај Elpet Balkaniki, сопственик на 10,87% од капиталот во Окта е и македонскиот нафтен дистрибутер Пуцко Петрол, а 7,62% од акциите поседуваат вработените во компанијата.
Минатата година Окта остварила вкупни приходи од продажба од 450 милиони евра, од кои 91,8 милиони евра биле од извоз и продажби на странски пазари, според што е рангирана како шести по големина извозник од Македонија за 2019 година.