Посетителите на еден од водечките саеми за безбедност и здравје при работа од денеска до 29 октомври ќе имаат можност да го посетат и националниот штанд на Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на развојот под брендот Invest North Macedonia.
На изложбениот простор од 54м2, што го обезбеди Агенцијата, се претставени домашни производи на шест македонски текстилни компании на 38-то A+A БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ЕКСПО што се одржува во Дизелдорф, Германија
Компаниите Златекс, Еуросолид и Textile Solution од Скопје, Албатрос и Ларс од Штип и охридската компанија Евро Џинс се избрани на јавен повик, со однапред утврдени критериуми за учество и селекција.
Првиот ден од саемот поминува со посета на голем број заинтересирани купувачи и остварени се успешни состаноци од кои се очекува идна соработка. Претставниците на домашните компаниите се задоволни од посетеноста на националниот штанд и може да се заклучи дека интересот на странските купувачи е свртен кон европските производители, поради подобрување на конкурентската позиција на македонските производители во однос на Азија.
На посетителите на А+А им се нуди можност да ја видат иднината на заштита при работа и целосен увид во новите трендови од оваа индустрија.
Учеството на саемот покрај Агенцијата е организирано и со поддршка SIPPO – Швајцарската програма за поддршка на извозот и Текстилното трговско здружение – Текстилен Кластер.
Саемот А+А се очекува да го посетат 73, 507 посетители, годинава брои 2.121 изложувачи од кои 49% се од Германија, а останатите 51% се од други земји, вклучувајќи и компании надвор од Европа. Според проценките на организаторите 71% од посетителите имаат најголем интерес за лична заштитна облека и опрема.