„Одржување на растот во времиња на неизвесност и потоа“ е темата на годинашниот Скопски економски и финансиски форум – СЕФФ, што се одржува денеска и утре, во организација на Министерството за финансии.

Дискусијата можете да ги следите на следниот линк.

Главен говорник на СЕФФ 2022 ќе биде добитникот на Нобелова награда за економија, американскиот професор Пол Кругман. Неговото учество е обезбедено во соработка со Американската стопанска комора во Северна Македонија – АмЧам.

За предизвиците во постпандемискиот период и градењето на поотпорна економија, ќе говорат и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на Светска банка за Европа Ана Бјерде, еврокомесарот Јоханес Хан, како и експерти и функционери од земјава и регионот.

Дводневната дебата на СЕФФ ќе се фокусира на четири столба: „Макроекономски предизвици во турбулентни времиња“, „Отпорност, конкурентност и регионална соработка“, „Енергија, зелена транзиција и инфраструктура“, „После кризата – двигатели за одржлив раст“.

Покрај Кругман, меѓу потврдените учесници се повеќе други истакнати економисти, високи претставници на меѓународни финансиски институции, министри за финансии, гувернери… кои ќе ги образложат своите гледишта и ќе дебатираат на еден од осумте панели на #СЕФФ2022.

Пол Кругман се смета за еден од највлијателните економисти на денешницата. Освен по редефинирањето на теоријата за меѓународна трговија, познат е и како основач или коосновач на неколку нови дисциплини во меѓународната економија – од новата трговска теорија (NTT) и новата економска географија (NEG) до модели на финансиски кризи и движења на девизниот курс. Нобеловата награда за економија ја доби во 2008 година.