По одлуката на Владата за зголемување на акцизата за 3 денари, Регулаторната комисија за енергетика ја определи новата цена по која граѓаните од утре ќе можат да набавуваат нафтени деривати од бензинските станици во земјава.
Цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за три и пол денари за литар, додека дизелот ќе поскапи за еден и пол денар.

Зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати изнесува во прoсек за 3,12 % во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 13 април 2020 година.

Од вечерва на полноќ малопродажната цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се зголемат за 3,50 денари за литар, со што малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 52,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 54,00 ден/лит.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе се зголеми за 1,50 денари за литар и ќе изнесува 46,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 1,00 денар за литар и ќе изнесува 34,00 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 0,983 ден/кг и ќе изнесува 19,123 ден/кг.

Клучните фактори што влијаат на крајната цена согласно Методологијата за формирање на цените се референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар и курсот на денарот во однос на доларот.

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 0,903%, кај дизелот има намалување во просек за околу 11,190%, кај екстра лесното масло има намалување во просек за околу 17,852% и кај мазутот се регистрира намалување во просек за околу 7,011 %.
Во исто време курсот на денарот во однос на доларот во изминатиов седумдневен период е намален за 0,757%.
Согласно Методологијата за формирање на цените, вклучени се сите овие влезни параметри и извршено е соодветно прилагодување.