Денеска во Владата се одржа првиот состанок на Советот на странски инвеститори со економскиот тим на Владата, предводен од премиерот Христијан Мицкоски.
“Мислам дека слушнавме многу добри совети, многу добри насоки за тоа како треба да ги водиме работите и процесите во период кој што следи. Договоривме да имаме и вакви квартални состаноци на кои што ќе разговараме за напредокот на работите кои што ги договараме на состаноците. Следниот состанок сега ќе биде кон крајот на годината, во првата половина на декември, можам да кажам дека сите ние си зададовме определени домашни задачи за реформите и законите кои што треба да бидат изменети, односно кои што ќе треба да претрпат измена, но и дел од процесите за кои што ќе треба во периодот кој што следи заеднички да работиме, да дискутираме, да анализираме, да видиме што треба секоја од страните да направи”, изјави премиерот Мицкоски.
Според Виктор Мизо, претседател на Советот на Странски инвеститори, на денешниот состанок биле отворени повеќе важни теми кои ги засегаат странските инвеститори.
“Пред сé разговаравме за работните односи, разговаравме за образованието, за царинските и даночните теми, кои се многу важи за странските компании кои работат тука, за инфраструктурата и општо што значи и колку е важно зголемување на конкурентноста на компаниите кои функционираат тука веќе подолго време”, вели Мизо.
На средбата биле присутни претставници на околу 40 странски инвеститори, кои на средбата со економскиот тим на Владата и преставници на сите позначајни институции.
“Директно ги кажавме нашите барања, потребите, дури и законските потенцијални измени кои треба да се случат во следниот период. И она што е важно е дека имавме плодна, детална дискусија и очекуваме во следниот период преку работни групи со различните министерства и институции подлабински да навлеземе во сето она што треба да се адаптира, да се промени, да се подобри, за да креираме конкурентна, плодна почва за работа, за можност за дополнителни инвестиции од наша страна, но истовремено и за конкурентност при процесот на потенцијални привлекувања на нови компании”, информира Мизо, додавајќи дека успешното работење на присутните странски компании во земјава може да биде голема промоција во процесот на привлекување на нови странски инвестиции во земјава.
Премиерот Мицкоски ја оценува денешната средба со странските инвеститори како успешна, потенцирајќи дека како Влада остануваат целосно посветени на реформската агенда и на подобрување на условите на водење на бизнис во земјава.
“Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада, бидејќи ќе има поголеми приходи во Буџетот”, вели Мицковски.