Најуспешната домашна компанија Алкалоид ја заврши првата половина годината со повеќе од успешши резултати: раст на продажбите, голем раст на извозот и инвестициите и нови вработувања.
Фарвмацевтската компанија Алкалоид објави дека првата половина годинава работела со вкупни консолидирани приходи од 140 милиони евра и во споредба со остварените во истиот период во 2022 година бележат раст од 15%.
Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 98%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2022 година бележат раст од 18%, на 137 милиони евра.
Дури 71% од вкупните приходи од продажба на Алкалоид се остварени од извоз, односно од продажба на странските пазари.
И покрај неизвесната и бројните проблеми во синџирите на снабдување, Алкалоид успеа да ги зголеми продажбите во странство за 23% и да оствари извозни приходи од 97,2 милиони евра.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со првото полугодие од 2022 година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени за повеќе од 4-пати, како и во Чешка и во Турција, каде што се зголемени за двапати. Потоа следуваат оние во Ерменија (раст од 93 %), Романија (раст од 87 %), Монголија (раст од 45 %), во Велика Британија (раст од 28 %), Португалија (раст од 23 %), Бугарија (раст од 22 %), во Хрватска (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 11 %), Србија (раст од 10 %), во Босна и Херцеговина (раст од 8 %) итн.
Повисокиот раст на продажбите во првото полугодие од 2023 година, во однос на планираните, делумно се должи на недостигот од антибиотици од други производители на повеќето извозни пазари. Овие недостатоци Алкалоид успеа да ги покрие преку зголемен обем на производство и на продажби на антибиотици од сопственото портфолио.
Податоците покажуваат дека дури 29% од вкупните консолидирани продажби на Алкалоид во првата половина годинава се од продажба на антибиотици. Потоа следуваат препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн.
Консолидираните приходите од продажба на домашниот пазар во овој период изнесуваат 39,8 милиони евра, и се поголеми за 8% во споредба со истиот период лани.
Остварените консолидирани вкупни расходи во периодот јануари-јуни 2023 година изнесуваат 125,4 милиони евра и во споредба со остварените во истиот период во 2022 година бележат раст од 14%.
Консолидираната нето добивка во првата половина година изнесувала 12,6 милиони евра и е за 19% поголема во споредба со истиот период лани.
Компанијата Алкалоид продолжува и годинава со силните иннвестиции во својот развој. Извештаите објавени на Македонската берза покажуваат дека вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-јуни 2023 година изнесуваат 937.984 илјади денари (15,3 милиони евра) и во споредба со остварените во истиот период во 2022 година бележат раст од 91%.
На 3 април 2023 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на брутодивиденда за 2022 година, во износ од 701.363 илјади денари, односно 441 денари нето за една акција што во однос на исплатената дивиденда по акција за 2021 година од 396 денари нето е поголема за 11,36%.
Новите вработувања продолжуваат
Во периодот јануари – јуни 2023 година во Алкалоид се реализирани 106 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина на нетоизносот од 36.500 денари. Групацијата Алкалоид брои 2.733 вработени, од кои 2.065 се во земјава, а 668 се вработени во подружниците во странство.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Единечните приходи од продажба на компанијата во првиите шест месеци изнесувале 102,3 милиони евра и бележат раст од 19% во споредба со истиот период лани. Единечната нето добивка во истиот период изнесувала 13,2 милиони евра и е за 19% поголема во споредба со истиот период лани.
Дури 73% од единечни приходи од продажба се остварени од извоз и тие бележат раст од 24% во првата половина годинава.