Растот во технолошко индустриските развојни зони продолжува и во месец април, со зголемен раст на извозот и увозот и стабилни работни места, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.

Извозните активности во зоните во април достигнаа 279 милиони евра, што е за 7% повеќе споредено со март годинава. Дополнително, извозот во првите четири месеци од годинава изнесува 1 милијарда и 55 милиони евра и е за 67% зголемен во однос на истиот период лани односно речиси 27% во однос на 2018 година.

Компаниите активни во зоните и понатаму остануваат носители на извозот во земјава со учество од речиси 47% во вкупниот извоз. Ова покажува дека иако овие компании беа најпогодени од кризата, демонстрираа висок потенцијал за брзо опоравување, што се должи и на таргетираните мерки и механизми за поддршка од ТИРЗ и државата.

Во однос на увозот, во првите четири месеци од 2021г вкупниот увоз изнесува над 1 милијарда евра и е за 85% зголемен во однос на истиот период лани односно 37 % во однос на 2018г. Само во април увозот во зоните достигна 318 милиони евра што е за 23,6%  повеќе споредено со март.

Трендот на раст на увозот е поврзан и со зголемената инвестициска активност во зоните. Само во првите четири месеци од годинава се потпишани договори со пет компании чии вкупни инвестиции треба да достигнат над 65 милиони евра.

Поради ваквиот тренд покриеноста на увозот со извозот е речиси изедначена. Во април 2021 нето извозот е во незначителна позитива од 0.10%, додека на државно ниво за првиот квартал овој однос е  -24%.

Редовната месечна анализа на Дирекцијата за ТИРЗ за април покажува дека бројот на вработени во зоните останува стабилен. Во овие компании работат околу 14.000 лица, а во дел од нив веќе се спроведуваат процедури за отворање нови работни места.

Се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и во следниот период со оглед на најавите од ТИРЗ дека веќе се преговара со над 20 компании за обем на инвестиции над 300 милиони евра и отворање на нови 5500 работни места.