Во првата половина годинава на странските пазари е извезена зелка од Македонија во вредност од 28,4 милиони евра. Тоа е за 20% повеќе во споредба со истиот период лани кога од извозот на зелка бил остварен девизен прилив од 23,7 милиони евра.
Раст од 6,6% има и кај извезените количини. Статистиката покажува дека во првата половина годинава била извезени 60,2 милиони тони.
Според досегашните резултати, 2023 година ќе биде рекордна во извозот на зелка во последните десетина години.
Вредноста на извозот во првата половина годинава е поголем од извозот во текот на целата 2022 година кога имало извоз од 24,6 милиони евра, што беше рекордно најголема вредност во последните десетина години.
Количински, најголем извоз имало во 2014 година од близу 70 илјади тони, но постигната просечна цена изнесувала 0,19 евра. За споредба, во првата половина годинава била постигната просечна извозна цена за македонската зелка од 0,47 евра за килограм, што е највисока досега цена.
Ако се анализираат пазарите на кои најмногу се продавала македонската зелка, Полска и Украина се на врвот. Во Полска во првата половина годинава биле извезени 11 илјади тони зелка и остварен девизен прилив од 6,8 милиони евра. Во Украина била извезена поголема количина од 12,3 илјади тони и остварен прилив од 6,7 милиони евра.
Следат Романија со извоз од 2,3 милиони евра, Србија со извоз од 1,97 милион евра, Молдавија со извоз од 1,3 милион евра, Литванија со извоз од 1,2 милион евра, Хрватска со извоз од 1,1 милион евра, Бугарија и Шведска со извоз од по 1 милион евра.
Македонската зелка се продавала на 27 пазари низ целиот свет. Највисока извозна цена е постигната во Финска и Норвешка.