Во јануари и февруари, од Македонија биле извезени околу 13.000 тони јаболка, што е за 82% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Вредноста на извозот, пак, се зголемил, и тоа за два и пол пати, од 2 на 5 милиони евра.
Просечната извозна цена на македонските јаболка се зголемила од 0,26 евра лани на 0,40 евра за килограм во периодот јануари-февруари годинава.
Македонските јаболка во првите два месеци годинава се продавале само на осум извозни пазари. Најголем извозен пазар била Србија со извоз од околу 1,7 милиони евра, додека највисока цена е постигната во Црна Гора од 0,53 евра по килограм.

И изминатата 2024 година беше успешна за македонските извозници на јаболка. Лани на странските пазари биле продадени 87.733 тони во вредност од близу 24 милиони евра. Количински извозот на јаболка лани бил поголем за една третина или за 34,5% во споредба со 2023 година. Вредноста на извозот на јаболка лани бил поголем за близу 70%.