Винарската визба Тиквеш од Кавадарци работела со раст на продажбите и профитот во првата половина годинава.

Финансиските извештаи покажуваат дека компанијата во првите шест месеци годинава остварила вкупни приходи од продажба од 22,4 милиони евра, што е за 17% поголеми во споредба со истиот период лани.
Компанијата бележи раст на продажбите и на домашниот пазар, но и на извозот и продажбите на странските пазари.

Повеќе од половина или близу 56% од вкупните приходи од продажба лани винарницата Тиквеш ги остварила од извоз, додека останатите 44% се приходи од продажби на македонскиот пазар.

Приходите од продажба на странски пазари во првата половина годинава се зголемени за 14% и изнесувале 12,5 милиони евра.

Приходите од продажба на домашниот пазар изнесувале близу 10 милиони евра и се зголемени за 20%.

И покрај зголемувањето на трошоците за продажба на производи за 18%, Тиквеш успеа да оствари бруто добивка од 7,1 милион евра, која е за 15% поголема од истиот период лани.

Со оптимизација на останатите оперативни расходи и зголемени останати оперативни приходи Тиквеш остварил нето добивка пред оданочување на износ од 1,94 милииони евра, што претставува зголемување за 163% во однос на истиот период од минатата година.

Во првата половина од 2023 година Тиквеш реализирал вложувања во материјални средства од 1,73 милиони евра.