Турската компанија „Шахтерм“ ќе инвестира 70 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ Скопје. Одлуката за инвестиција е постигната на средбата во Бурса, Република Турција на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата Фарук Шахин.
„Со денешната одлука, „Шахтерм“ станува нов член на семејството на ТИРЗ. Разговорите, посебно оваа последна рунда не беа воопшто лесни. Но, она што е важно на крајот е одлуката на компанијата да инвестира во Македонија и да имаме нови 1.000 работни места за нашите сограѓани“, изјави Деспотовски при објавувања на одлуката во седиштето на компанијата. Тој изрази и благодарност за сите институции, како и Амбасадата на Северна Македонија во Анкара за поддршката при разговорите со компанијата.
„Денешниот успех е успех и за стручниот тим од Дирекцијата за ТИРЗ, кои во исклучително кусо време успеаа да ги препознаат нашите клучни барања и потреби, што ја овозможи и оваа одлука денес. Продолжуваме да растеме заедно“, истакна Шахин, генералниот менаџер на „Шахтерм“.
Компанијата ќе започне со реализација на инвестицијата во 2024 година и во следните 10 години е планирано отворање на над 1.000 нови работни места. „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.
Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Со постигнување на овој договор, од почетокот на годината во ТИРЗ обезбеден е вкупен обем на нови инвестиции од над 450 милиони евра, кои носат над 7.000 нови работни места.