Добавувачот на автомобилски делови, машинската компанија Шефлер (Schaeffler) планира да укине 4.700 работни места во Европа, од кои 2.800 се во Германија. Погодени ќе бидат десет фабрики, а планирано е и целосно затворање на две фабрики во Европа.
Шефлер очекува годишна заштеда од околу 290 милиони евра до 2029 година. Укинувањето на работните места е последица на економската слабост, посебно во Европа и намалената побарувачка.
“Побарувачката во многу сектори е постојано слаба и доведува до прекумерен капацитет на германските и европските локации“, објаснуваат од Шефлер.
Покрај тоа, тука се и проблемите на автомобилската индустрија и особено промената кон електрични возила. “Бизнисот со делови за автомобили со мотори со согорување ќе се намали „како резултат на тековниот пад“ со цел „понатамошно намалување на трошоците“, објаснуваат од групацијата. Во исто време, растот на делови за електрични автомобили беше помалку силен од очекуваното.
Дополнително, „зголемената конкуренција води кон зголемување на притисокот на цените и трошоците и посилна локализација на развојните услуги, особено во Кина“. „Нема алтернатива“ на мерките, објасни извршниот директор Клаус Розенфелд.
Програмата е неопходна за да се обезбеди долгорочна конкурентност на Шефлер.
Според Здружението на автомобилската индустрија, недостатокот на нарачки станува се поголем проблем за многу германски добавувачи на автомобили и други средни компании во индустријата.
Претходно и неколку други производители и добавувачи на автоделови најавија отпуштање на работници заради намалената побарувачка. Bosch неодамна најави дека ќе отпушти 7.000 вработени во Германија.
Францускиот производител на гуми Мишелин најави укинување на работните места и затворање на погоните поради слабата побарувачка на автомобили и евтината азиска конкуренција. Планира да отпушти 1.200 луѓе и да затвори две фабрики во Франција до 2026 година.