Холандската групација VDL Groep објави дека се стекнува со делови од банкротираниот белгиски производител на автобуси Van Hool, меѓу кои и производствениот погон на Van Hool во С.Македонија.
„Со задоволство можеме да објавиме дека успеавме да купиме делови од Van Hool. Тие ќе додадат вредност на нашите активности за автобуси и автобуски превоз и ќе ни овозможат да ја зајакнеме нашата позиција како производител на автобуси. Стратешкото партнерство со нашите американски партнери ABC Companies ни овозможува дополнително да ги развиваме нашите меѓународни активности“, изјавува претседателот и извршен директор на VDL Groep, Вилем ван дер Легте.
VDL Groep ќе ја стекне целата интелектуална сопственост, правата за дизајн, софтверот, имињата на производите, опремата и машините од Van Hool, како и од фабриката за во Северна Македонија каде што има околу 1.350 вработени.
Од VDL групацијата информираат дека постигнале договор за дистрибуција со дистрибутерот ABC Companies за испорака на автобуси на Van Hool во САД и Канада.
Според податоците од последната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, Van Hool е деветти извозник од Македонија со извоз вреден 123 милиони евра во 2022 година. Van Hool инвестираше во фабриката во зонатата Бунарџик во 2012 година и во неа работат 1.350 кои произведуваат современи автобуси кои се извезуваа на северноамериканскиот пазар.
VDL групацијата е основана во 1953 година како металопреработувачка семејна фирма, а низ годините прераснува во групација која покрај производството на автобуси е присутна и во многу други индустрии како производство на авто делови, на системи за ладење и греење, производство на опрема за земјоделие и други машини потребни за различни индустрии . Во 2022 година VDL имала приходи од 5,75 милијарди евра, 16.000 вработени и во операции во 19 земји.