Цената на какаото која расте неколку месеци по ред, денеска сруши уште еден рекорд, достигнувајќи 10.000 долари за тон. Цена која не била никогаш досега видена.
Причините се должат на каткорочни проблеми во производството и понудата на какако, но некои докази упатуваат дека цената на какаото би можела да остане висока на подолг рок. Тоа веќе го чувствуваат производителите на кондиторски производи, а порано или подоцна ќе има влијание и на малопродажните цени на производите од какао.
Засега нема недостиг на какао. Но, само во последните четири недели какаото поскапе за над 50%. Пред само една година, еден тон какао зрна чинеше само 3.000 долари, а пред 15 години цената главно се движеше помеѓу 2.000 и 3.000 долари. Но, изминатата година цените на какаото постојано се зголемуваат.
Аналитичарите велат дека причината е намалената понуда. „Жетвата во најважната земја производител, Брегот на Слоновата Коска, која има 40% учество во глобалното снабдување со какао, досега беше многу бавна“, вели Карстен Фрич, експерт за суровини во Комерцбанк.
Според Меѓународната организација за какао ICCO, околу една третина помалку зрна какао биле испорачани до пристаништата во земјата помеѓу октомври и средината на февруари отколку во претходната година.
„Во Гана, вториот најважен производител на какао со пазарен удел од 13%, 35 % помалку зрна какао беа продадени од почетокот на жетвата во септември до крајот на јануари“, додава Фрич.
Ова ја зголемуваше цената во текот на изминатата година, но неодамна таа експлодираше, а тоа е поради купувачите кои чекале премногу долго надевајќи се дека цената ќе се намали.
„Секој што нема доволно залихи, сега мора да складира по секоја можна цена, со цел да добие стока и да избегне скапи запирања на производството“, вели Јохен Станцл, главен пазарен аналитичар во брокерот CMC Markets. „Во такви нерамнотежи, цената мора да расте додека пазарот не се врати во рамнотежа помеѓу огромната краткорочна побарувачка и ограничената достапна понуда“.
Високите набавни цени за какаото сигурно ќе имаат влијание врз производните цени на кондиторските и производите од чоколадо.
„Испораките во декември, кога жетвата во Западна Африка ќе започне повторно и првите зрна свежи какао ќе стигнат во Европа и во САД, се 44 под сегашната цена“, вели Јохен Станцл. Така, секој што сака да резервира набавка за декември ќе плати околу 5.000 долари по тон.
Тоа е сепак речиси двојно повеќе од претходната година, а има голем број причини зошто цената на какаото би можела да остане на толку повисоко ниво.
Сегашната лоша жетва во Западна Африка се должи на неповолните временски услови и ширењето на растителните болести. Затоа, ICCO предвиде пад од 10% на глобалното снабдување со какао во тековната година 2023/24.
Но, тоа може да биде премногу оптимистички. „Може да има надолни ревизии на снабдувањето во наредните месеци ако привремените жетви во Брегот на Слоновата Коска и Гана, кои започнуваат во април, исто така бидат слаби поради сушата и силните харматски ветрови“, вели Карстен Фрич.
Како резултат на тоа, глобалните залихи на какао би се намалиле на најниско ниво во последните 21 година, а односот на залихите и потрошувачката дури би го достигнал најниското ниво од доцните 1970-ти.
Тоа упатува дека помалата понуда може да ги држи цените на какаото подолго време, освен ако истп=овремено не дојде до намалување на побарувачката.
Извор: Welt