Шест македонски винарии од земјава учествуваат на националниот штанд на Република Македонија на Меѓународниот саем за храна, пијалаци и суровини за прехранбената индустрија „Продекспо 2022“ во Москва.
Најголемата саемска манифестација од овој вид во Руската Федерација и во Југоисточна Европа e отворена во изложбено – саемскиот „Експо-центар“ и ќе трае до 11 февруари.
Настапот на македонските компании е во организација на Македонска-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Ова е девето учество на македонски компании на овој исклучителен деловен настан, а годинава на него се презентираат ВВ „Тиквеш“, „Стоби“, „Далвина“, „Мовино“, „Езимит“ и ММ „Интернејшнл“.
По отварањето на саемот, македонскиот национален штанд го посети в.д. амбасадорот во Руската Федерација, Оливера Чаушевска – Димовска.
“И покрај сложената здраствена и политичка криза во овој дел на светот деловните луѓе од македонските компании од винскиот сектор допатуваа во Москва во потрага по нови деловни партнери и покажуваат дека нашите бизнисмени ја мапираат Руската Федерација како значаен пазар за зголемување на извозот. Минатата година заради пандемијата оваа саемска манифестација помина без македонски претставници, но ние не сакаме подолго да го изгубиме континуитетот на учеството на „Продекспо“. Неговото значение за македонските компании може да се илустрира со трендот на зголемување на количините на продадено вино во Руската Федерација.
Во 2021 година на овој пазар винариите продадоа 2 милиони вино во шишиња, додека оваа година таа бројка се очекува да се зголеми. Најголем извозник на флаширано вино во Русија е винаријата „Стоби“. Можностите се на дофат на компаниите и сигурни сме дека ќе ги искористат, бидејќи оваа саемска манифестација е идеална за склучување извозно-деловни зделки, вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
Во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2022“ своите производи ги изложуваат 30 индустриски сектори од сите сегменти од производството на храна. Учествуваат 2.660 компании – изложувачи од 73 земји од светот. Овде може да се види и најголемиот излог на алкохолни пијалаци и вина од повеќе од 30 земји.
Се очекува низ халите на „Експо центарот“ да поминат 68.600 посетители од 115 земји и претставници на повеќе од 120 меѓународни и руски трговски ланци. „Продекспо 2020“ ги собира на едно место трговците – увозници од федерално и локално ниво, кои се стратешки партнери на прехрамбената и индустријата на пијалоци во Русија и Евроазиската унија, како и претставниците на ХоРеКа секторот – хотели, ресторани, кафулиња и барови. Затоа и е огромен бројот на договори склучени врз основа на деловните контакти што се воспоставуваат на штандовите во московскиот „Експо центар“.
За време на саемските денови ќе се одржат и бројни тематски конференции, на кои свое учество ќе земат и македонските деловни луѓе и Македонско-руската стопанска комора. -За единаесет месеци од минатата година македонскиот извоз во Руската Федерација ја достигна бројката од близу 53 милиони САД долари.Меѓутоа, истовремено за овој период нашиот увоз од оваа земја е речиси три пати поголем од извозот и изнесува 151,8 милиони САД долари.Тоа значи дека со Руската Федерација имаме трговски дефицит во висина од 98,8 милиони САД долари. Од тие причини македонските компании мора да го зголемат извозот за да се движиме кон врамнотежување на размената со оваа земја, констатира Бешлиев.