Во српската индустриска зона Инџија денеска започна изградбата на фабриката за гуми на јапонската компанија “Toyo Tyres“, која ќе биде меѓу најголемите извозници во Србија со годишен извоз од над 240 милиони евра.
Ова е една од најзначајните инвестиции досега во Србија, имајќи ја предвид висината на инвестицијата од 382 милиони евра, големината на објектот, како и фактот дека „Тојо гуми“ припаѓа на корпорацијата „Митсубиши“.
Преговорите со јапонската “Toyo Tyres“ започнале уште во мај 2017 година, а разговорите и преговорите за да се донесе еден ваков светски гигант во Србија траеле три и пол години.
Генералниот директор на корпорацијата”Toyo Tyres“, Такаши Шимизу, изјави дека изградбата на таа фабрика ќе заврши до април 2022 година.
До 2023 година, фабриката во Инџија, со околу 560 работници, ќе произведува пет милиони гуми годишно.
Планираната инвестиција во Србија е прва и единствена фабрика на “Toyo Tyres“ во Европа, од која ќе се снабдуваат пазарите во Европа, Русија, Блискиот исток, Африка и Северна Америка.
„Иако ова е веќе осма фабрика на компанијата, таа ќе има многу важна улога во нашиот глобален синџир на снабдување“, потенцираат од “Toyo Tyres“.
Фабриката ќе се простира на околу 20 хектари, главен изведувач ќе биде јапонската компанија „Такенака“, но ќе има и места за српските градежници како подизведувачи.
Општина Инџија ги обезбеди земјиштето со површина од 63 хектари и потребната инфраструктура.