Горивата поскапуваат за уште половина денар

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 1,05 % во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 22.06.2020 година.

Од вечерва на полноќ малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за половина дена за литар и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 61 денар за литар, цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 63 денари за литар, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 52,5 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од вечерва на полноќ ќе изнесува 52 денари за литар, додека малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,428 денари за килограм и ќе изнесува 25,824 денари за килограм.

“Одлуката следува како резултат на зголемување на референтните цени на сите нафтените деривати на светскиот пазар во изминатиот седумдневен период и тоа кај бензинот во просек за 2,574%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 1,568%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 1,881% и кај мазутот зголемување e во просек за 2,459% . Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,175 %”, објаснуваат од Регулаторната комија за енергетика.