Како основа за оданочување ќе биде профитот кој е над 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто, стои во Предлог – законот за данок за солидарност кој што е на дневен ред на 103. Собраниска седница.

Данокот на солидарност ќе треба да се плати најдоцна до 31 мај годинава. Од оваа давачка Владата очекува да собере 4,7 милијарди денари или околу 76,4 милиони евра, како вонредни буџетски приходи кои ќе бидат наменети за справување со последиците од енергетската и од ковид кризата. Инаку, како основа за оданочување ќе биде профитот кој е над 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто. Ова стои во Предлог – законот за данок за солидарност кој што Владата го достави до Собранието на 1 овој месец, а е на дневен ред на 103. Собраниска седница.

За оној дел од добивката што нема да потпаѓа под одредбите на данокот на солидарност, компаниите ќе плаќаат данок со стапка од вообичаените десет отсто.

Оваа вонредна давачка, која што ќе треба да ја платат компаниите кои лани имале приход од над 10 милиони евра и кои оствариле значително поголем профит од вообичаено, е еднократна, односно се однесува на финансиските резултати кои компаниите ги имале во текот на 2022 година.