Девет најголеми енергетски компании поминаа во постапката за ХЕ Чебрен, меѓу кои најголемата француска, шпанската, грчката, италијанските, австриските, две големи турски и една голема кинеска компанија, информира денеска премиерот Зоран Заев.
“Тоа се буквално џиновски компании од светско ниво. Веруваме дека после 11 неуспешни тендери за Чебрен овојпат дека ќе успее тендерот, заради тоа што условите што овојпат државата ги дава се неповторливи, односно се профитабилни, за да може да има доволно мотивација од потенцијалните инвеститори да овој проект вреден до 800 милиони евра е обновлив извор на енергија, односно е еден сериозен потенцијал”, рече Заев.
Заев најави дека најверојатно во април ќе се распише постапката за јавно-приватно партнерство или концесија во ТЕЦ Неготино.
“Во моментот се прави физибилити студијата за оваа постапка заради тоа што и таму може да се постават некои 200/220 мегавати гасна централа, заради одличната локација што ја има ТЕЦ Неготино”, рече Заев.
Според Заев, во моментов околу 30% од вкупното производство на електрична енергија се добиваат од обновливи извори на енергија, според што сме блиску со европскиот просек, а со новите инвестиции процентот на енергија добиени од обновливи извори може да надмине и 50%.