За првите десет месеци извозот на македонски јаболки надмина 13,8 милиони долари

Во првите десет месеци годинава продажбата на македонски јаболки во светот надмина 13,8 милиони долари, што е многу повеќе од вкупниот годишен извоз во изминатата 2018 година, кога од извоз на јаболки се заработени 9,8 милиони евра.

Најголем пазар за македонските јаболки годинава е Русија, каде годинава се продадени јаболки во вредност од 6,4 милиони долари.

Втор најголем пазар е Ирак, каде во првите десет месеци е направен извоз вреден 2,5 милиони долари.
Следни најголеми пазари за извоз на македонските јаболки се Бугарија, каде годинава сме продале јаболки вредни 2,4 милиони евра, Косово со извоз од 1,2 милиони евра и Грција со извоз од 338 илјади евра.

Минатата година Македонија според извозот на јаболка од 2018 година се најде на 4 место во регионот, а на 44 место на листата на најголеми извозници на јаболка во светот.

Извозот на јаболки е многу помал во споредба со земјите од регионот. Соседна Србија е најголем извозник во регионот чиј извоз во 2018 година изнесуваше 101 милиони долари. Грција годишно извезува јаболки за 36 милиони долари, Словенија има извоз од јабoлки од 14 милиони дoлари.