Македонското индустриско производство во јули годинава бележи пад од од 1,8% во споредба со јули 2022 година, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. За периодот од јануари до јули годинава, индустриското производство е поголемо за 1% во споредба со истиот период лани.
Податоците покажуваат дека производството во јули годинава се намалило за 1,4 % во преработувачката индустрија, каде се создава дури 83% од целото индустриско производство. Но, за првите седум растот е незначителен, само 0,3%.
Во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2023 година, во однос на јули 2022 година има пад од 13,5%, додека во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во истиот месец имало раст на производството од 8,8 % во споредба со ланскиот јули.
Податоците покажуваат втор месец на раст во производство на метали и преработки од метали. Во јули статистиката бележи раст на производството на метали од 30,6%, додека производството на фабрикувани метални производи има раст од 46,9% во споредба со јуни минатата година. Високите стапки на раст се должат на ниската споредбена основа од минатата година, кога многу големи производни капацитети прекинаа целосно или го намалија производство заради високите цени на струјата.
Голем раст од 29,4% има кај производството на моторни возила, во најголем дел заради зголеменото производство за извоз во фабриката за автобуси на Ван Хоол во зоната Бунарџик.
Раст од 14% има кај производството на машини и уреди, а производството на хемиски производи, каде влегуваат производите на најголемата извозна компанија Џонсон Мети, во јули бележи раст од 7,2%
Производството на прехранбени производи, кое во вкупното индустриско производство учествува со 10,4%, бележи пад од 8,8% во јули, односно -5,7% за периодот од јануари до јули 2023 година. Производството на храна бележи пад седум месеци по ред. Во текот на изминатите 12 месеци, дури единаесет месеци имало намалување на производството, додека само во декември имало раст на производството од 1,6%.
Производството на тутунски производи бележи голем пад од 67,8% во јули. Производството на кожа бележи пад од 48,4%, додека кај производството на облека производството е намалено за 18,9% во споредба со ланскиот јули.
Производството на електрична опрема, уште еден важен сектор со учество од 6,25% во вкупното индустриско производство, бележи пад од 23,2% во јули, додека за првите седум месеци има раст од 10,3%