Монтажната болница до Инфективната клиника, која беше изградена за само 14 дена двојно ќе ги зголеми капацитетите на оваа Установа, која е најважна за лечењето на заболените од Ковид 19.
Изградбата на монтажната болница е проект на велешката компанија “Брако”, која иако имаше рок за изведба од 21 ден, успеа да го заврши целиот проект за само 14 дена. Со цел да бидат солидарни во оваа кризна состојба, менаџментот на компанијата целосно се откажал од заработката за овој проект, а целиот тим на инженери и работници кои биле ангажирани на изградбата имале предизвик и мотив да докажат дека и Македонија има компании и индустрии кои можат да реагираат брзо и во рекордно време за да се изградат дополнителни здравствени капацитети во борбата против Ковид 19 по примерот на развиените држави.
“Првиот предизвик беше итноста и сериозоста на овој проект и сметавме дека секој ден е важен за да се зачува јавното здравје и животите на луѓето. Вториот предизвик беше да докажеме дека и во Македонија има компании кои имаат капацитет да одговорат за брза изградба на вакви објекти кои ќе ги зголемат капацитетите на здравствениот систем, по примерот на развиените држави. Целиот тим на инженери и работниците во производството во Брако бевме максимално посветени на деталното планирање, организирање и изведба на овој проект за чија изведба беше употребена и високо напредна технологија која ја поседува компанијата”, вели Наумов, потенцирајќи дека се горди на брзата и успешна реализација на овој за нив и за државата стратешки важен проект.