“Најголем бенефит од конкретната oдлука за намалување на царините за увоз на суровини и репроматеријали би требало да има текстилната и кожарската индустрија, бидејќи најголемиот дел од тарифните ознаки за кои се укинати царините, се однесуваат на овие дејности од преработувачката индустрија, велат од Стопанската комора на Македонија по чиј предлог Владата неодамна одлучи да ги укине на период од една година царините за 71 суровина и материјали.

Од Стопанската комора на Македонија во континуитет се залагаат за подобрување на условите за компаниите членки и зголемување на нивната конкурентност.
Во таа насока, а на барање на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, која функционира во рамки на Стопанската комора на Македонија Владата претходно донела и автономни мерки со цел намалување на царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошки напредни производ.
Со оваа последна Одлука, пак, велат од Комората, дополнително се укинуваат царините за 71 тарифна ознака, со што директно се влијае врз конкурентноста на компаниите од преработувачката индустрија, кои се извозно ориентирани, а чие производство зависи од увоз на суровини и материјали од трети земји.

“Тарифните ознаки за кои се укинуваат царините се однесуваат на суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија, која согласно податоците на Државниот завод за статистика во првите единаесет месеци од 2020 година, во споредба со истиот период лани забележа пад од 11,1%.  Согласно податоците за претходната година, приходите од царински давачки за конкретните тарифни ознаки изнесуваат 5,1 милиони евра, а согласно Одлуката на Владата овие средства во 2021 година би останале како директна помош за компаниите”, посочуваат од Стопанската комора.

Со последната Одлука на Владата до крајот на 2021 година за 71 тарифна ознака се укинуваат царинските давачки за кожа, ткаенина, неткаен текстил, фротир, ѓонови и топуци, алат за пресување, ковање, извлекување или пресечување: пумпи за потиснување, со ротационо движење, механички уреди (со или без рачен погон), модели за калапи, запченици и запчести преносници, електромотори и електрични генератори, трансформатори и друго.

Индустриите за кои се намалени увозните давачки се соочуваат со пад на производството заради корона кризата

Многу компании во услови на пандемија со Ковид 19 се соочија со намалени нарачки, односно откажување на нарачките (особено текстилна и кожарска индустрија), како резултат на мерките кои се преземаат за заштита од пандемијата со Ковид-19 во странските држави со кои соработуваат. Многу компании имаа и потешкотии при увозот како резултат на нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и затворање на границите.
Податоците покажуваат дека секторите од преработувачката индустрија за кои сега се намалени увозните давачки се соочуваат, заради проблемите предизвикани од пандемиојата се соочуваат со намалено производство.
“Дејностите во кои како суровини и репроматеријали се употребуваат конкретните производи за кои се укинаа царинските стапки, во првите единаесет месеци од 2020 година бележат намалување на производството и тоа: Производство на текстил 13,5%, Производство на облека 14,3%, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место 26,9%, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки 13,4%, Производство на електрична опрема 17,9%”, велат од Стопанската комора.

Согласно податоците за претходната година, приходите од царински давачки за конкретните тарифни ознаки изнесуваат 5,1 милиони евра, а согласно Одлуката на Владата овие средства во 2021 година би останале како директна помош за компаниите.

Покрај конкретните мерки кои значат директна помош за компаниите, од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека е потребно да се обезбеди непречено и ефикасно спроведување на административните постапки, во со закон предвидените рокови и да се намалат парафискалните давачки и трошоците за добивање правна документација за потребите на бизнисот.