Седум  македонски винарници ќе ги претстават своите вина на националниот штанд кој за прв пат се организира на меѓународниот саем Bellavitа во Чикаго, САД.
Тиквеш, Бовин, Стоби, Камник, Сопот, Венец и Езимит се  винариите кои го промовираат македонското вино и ќе се обидат да обезбедат влез и пласман на американскиот пазар за вино.

“На средбата со извршниот директор на саемот Bellavita, Aldo Mazzoco, ја искажав честа што сме дел од овој реномиран светски саем. Заедно со Италија и Шпанија сме единствените земји од Европа со централен штанд на самот, што претставува огромно задоволство. Пријатно изненадување беа неговите позитивни коментари за квалитетот на нашите вина и македонскиот вински потенцијал.  Она што во нашиот разговор го договоривме е да во следниот период Северна Македонија ја посетат над 300 потенцијални фирми купувачи пред кои ќе ги презентираме нашите вина”, вели министерот за земјоделие Љупчо Николовски.

Македонија, заедно со Шпанија и Италија се единствените земји од Европа кои се претставуваат на овој престижен американски саем.

Очекуваме успешна презентација на нашето убаво вино, повеќе директни средби со дистрибутери и потпишување на договори за извоз на македонското вино во Америка, информираат од МЗШВ, кои го организираат националниот штанд во функција на поголема промоција на македонското вино.

Според податоците од Државниот завод за статистика во текот на изминатата година во САД било извезено вино во вредност од само 637 илјади долари, што е околу 1% од вкупниот извоз на вино кој лани изнесуваше нешто над 60 милиони долари.

Саемот Bellavita е одлична можност за промоција и можност за отварање на нови пазари за пласман на виното од Македонија.

Ова е шесто издание на Bellavita Expo Chicago, со повеќе од 65.000 очекувани посетители ширум светот, и со над 300 купувачи и професионалци од индустријата, повикани да ги оценат најдобрите производи, но и програмата за мастерклас и едукативните активности.