Хрватскиот претприемач Мате Римац, основач и директор на автомобилската компанија Римац Автомобили успеа да оствари светски успех во бизнисот заради тоа што од самите почетоци размислувал глобално, а не локално.

„Ако некој сака да гради бизнис, мора цел да му биде светот“, вели Римац, додавајќи дека неговата компанија никогаш не барала купувачи или инвеститори во Хрватска.
Некои работи можат да се направат локално, како на пример во туризмот, а тоа може да биде врвно, но ако се гради голем бизнис, треба да се погледне глобално од почеток.
„Хрватска е толку безначајна во деловниот свет што е смешно да се размислува за каква било локална рамка“,вели Римац.
Тој за пример ја посочува компанијата „Хјундаи“, чии приходи се четири пати поголеми од хрватскиот БДП.
Во 2017 година, Римац беше избран и за претприемач на годината од страна на EY.
Римац верува дека Хрватска може да има претприемачки приказни кои се глобално конкурентни, како на пример Инфобип, но за жал, многу малку.

Римац вели дека неговата компанија Римац Автомобили досега платила околу 17 милиони евра данок на државата, а тој во тој период си платил само неколку проценти од таа сума на име плата.
„Државата во моментов има многу повеќе придобивки од Rimac Automobiles отколку јас лично“, се шегува Римац, истакнувајќи дека луѓето често не ги разбираат таквите работи и се „фаќаат“само за негативностите.
Тој смета дека претприемништвото треба да се популаризира, особено долгорочно и одржливо, што има позитивни ефекти за поширокото општество.
„Со претприемништво на сите им е подобро, бидејќи колку повеќе има фирми како Инфобипс , толку подобро ќе им биде на сите“, посочува Римац.

Упорноста е најважната карактеристика на претприемачот

 

Како најважна карактеристика на еден претприемач, Римац ја издвојува издржливост или упорноста, нагласувајќи дека за оние кои очекуваат „брз поврат“ нема место во претприемништвото.

„Голем број на претприемачки приказни тргнуваат наопаку затоа што луѓето размислуваат на краток рок и мислат на брзо збогатување, што е многу тешко во претприемништвото“, рече Римац, кој ја нагласува љубопитноста како многу важна карактеристика на претприемачите.

Професионализмот на секое ниво е исто така важен во бизнисот. “Треба да се биде професионален во пристапот, и во писмената и во усната комуникација”, вели Римац, и оценува дека тоа му недостасува на хрватското образование.

Тој го наведува примерот на инженерите, кои се технички многу добри, но немаат, за што и самите се свесни, „меки“ вештини, поврзани со управување со проекти, документација и комуникација.
Тој исто така вели дека луѓето во Хрватска честопати се сметаат себеси за „многу паметни и способни“, со изговор дека немаат пари да го развиваат својот бизнис.
Но, Римац им порачува дека многу пати и без капитал, проектот може да се развие многу подалеку од основната идеја.
“Важно е да не се наоѓаат изговори”, забележува тој.

Римац вели дека неговата компанија Римац Автомобили вработила околу 150 лица од почетокот на корона кризата и дека се очекуваат нови инвестиции во блиска иднина.
Досега Porsche, Hyundai и кинеската група Camel инвестираа во неговата компанија.

Извор: Lider.hr