Цените на нафтата паднаа денеска на најниско ниво во последните 15 месеци поради загриженоста дека ризиците во глобалниот банкарски сектор и потенцијалното зголемување на каматните стапки во САД може да предизвикаат рецесија што ќе ја намали побарувачката за гориво.
Во нестабилното тргување, фјучерсите на суровата нафта Брент за мај паднаа за 2,07 долари, или 2,8%, на 70,90 долари, осум долари помалку од пред пет дена, а дури 30 долари помалку од пред неколку месеци. Последен пад кога цената на брент нафтата се тргуваше по 70 долари за барел беше во мај 2021 година.
Договорот за сурова нафта West Texas Intermediate за април беше намален за 1,88 долари, или 2,8%, на 64,86 долари пред истекот во вторник.
Мајските фјучерси со кои поактивно се тргува паднаа за 2,8% на 65,06 долари за барел.
Банкарските турбуленции во Америка минатата недела беа поттик за остар пад на цената на нафтата на светските берзи. Двата одредници на цените на нафтата изгубија повеќе од 10% од нивната вредност минатата недела како што се продлабочи банкарската криза.
Падот на нафтата доаѓа и покрај историскиот договор за UBS, најголемата швајцарска банка, да го купи Credit Suisse во обид да ја спаси втората по големина банка во земјата.
Сепак, банкарските акции и обврзници продолжија да паѓаат во понеделникот како знак дека довербата на инвеститорите останува кревка.
По објавувањето на договорот, американските Федерални резерви, Европската централна банка и другите големи централни банки ветија дека ќе ја подобрат ликвидноста на пазарот и ќе ги поддржат другите банки.