Окта лани заработила 360 милиони евра од продажби на домашниот пазар и 91,8 милиони евра од извоз

Нафтената компанија Окта минатата година остварила вкупни приходи од продажба од 450 милиони евра, што е раст од 1% во споредба со претходната година, покажува неревидираниот финансиски извештај на компанијата за 2019 година објавен на Македонската берза.

Најголем дел од приходите од продажба на Окта или околу 80% ги остварува на домашниот пазар, додека 20% од продажбите се на странски пазари. Минатата година прихоодите на Окта од продажба на домашниот пазар бележат пад од 7% и изнесувале 360 милиони евра.

Голем раст од 44% лани Окта имала кај извозот, односно кај продажбата на странските пазари, кој минатата година достигнале 91,8 милиони евра.

Неревидираните извештаи на Окта покажуваат дека компанијата минатата година работела со нето добивка од 4,3 милиони евра, за разлика од 2018 година кога компанијата работеше со загуба од околу 1,6 милиони евра.

“Достигнувањата на ОКТА во четвртиот квартал го поддржа заокружувањето на многу стабилна 2019 година, целосно оправдувајќи ја стратегијата што компанијата ја имплементираше со одлучност и посветеност во текот на изминатите години. Компанијата успешно придонесе кон зголемување на годишните продажни количини, извонредниот раст и високата профитабилност. Истовремено, напредуваше со програмите за трансформација, преку кои ја зголеми агилноста на својата организациска структура и ги намали трошоците, со што создаде цврста основа за идните достигнувања”, се вели во објаснувањето на Окта за остварените финансиски резултати за минатата година.

Компанијата Окта е во доминантна сопственост на грчката компанија Elpet Balkaniki, која поседува 81,51% од акциите во компанијата. Грчката нафтена компанија Hellenic Petroleum, пак, e 100% сопственик на Elpet Balkaniki.

Покрај Elpet Balkaniki, сопственик на 10,87% од капиталот во Окта е и македонскиот нафтен дистрибутер Пуцко Петрол, а 7,62% од акциите поседуваат вработените во компанијата.