Затворањата и мерките преземени за ограничување на ширењето на коронавирусот предизвикаа голем пад на потрошувачката на вино. Како последица на тоа, најголемата македонска винарница Тиквеш изминатата 2020 година ја заврши со пад на продажбата и профитабилноста.
Финансиските неконсолидирани извештаи објавени на Македонската берза покажуваат дека Тиквеш во 2020 година имала приходи од продажба од 24,5 милиони евра, кои се помали за 14% во споредба со 2019 година.
Околу 46% од приходите од продажба минатата година Тиквеш ги остварил од продажба на вино на странските пазари. Извозот на Тиквеш во овој период бележи пад од 6% и изнесувал 11,2 милиони евра.
Продажбите на домашниот пазар, кој учествуваат со 54,1% во вкупните продажби, бележат поголем пад од 20%, од што компанијата заработила 13,3 милиони евра.
Намалените приходи од продажба ја намалија нето добивката на Тиквеш за минатата година за дури 59%, на 1 милион евра.
Во 2020 година Тиквеш реализирала вложувања во материјални и нематеријални средства од 64,7 милиони денари или околу 1 милион евра.
Тиквеш и останатите винарници во земјава имаат поголем пад на продажбата на домашниот пазар и помал пад на извозот, од почетокот на пандемијата, предизвикан пред се од затворањето на угостителско – туристичките објекти, каде што се пласира најголемиот дел од флашираното вино.
За 2021 година винарницата Тиквеш планира бруто приходи во износ од 1.876 милиони денари (30,5 милиони евра), што претставува зголемување од 13,8% споредено со 2020 година. Во вкупната реализација во обем, домашниот пазар се планира да учествува со 43% додека извозните пазари да учествуваат со 57%.