Петрушев: Компаниите од прехранбената индустрија се соочуваат со последиците од Ковид 19

“Во прехранбената индустрија најголем удар трпат компаниите кои произведуваат кондиторски производи и алкохолни пијалаци, а тоа продолжува и понатаму и покрај отворањето на каналот на хотели, на барови и на ресторани поради преполовениот промет. Дел од прехранбената индустрија со пиво и вино се исклучени и од можноста за плаќање со картичките за купување домашни производи дадени на ранливи категории население и население со пониски приходи”, вели Ѓорѓи Петрушев, претседател на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија и директор на „Млекара Битола“ АД – Битола

Според Петрушев, од Ковид-19 удар трпат производителите на сирење и на кашкавал, особено помалите кои се ориентирани на продажба во ресторани и кафеани.
“Големите преработувачи имаат одреден негативен одраз врз профитабилноста поради преминот кон купување на поевтини производи и во поголеми формати кои носат и помала профитабилност. Почнуваат и првите знаци на нарушена ликвидност кај помалите малопродажни објекти и пекарници, што е поверојатно да се влоши одошто да се подобри, а што секако верижно ќе предизвика реакција и кај преработувачите на млеко”, вели Петрушев.

Поради специфичноста на производството и на дејноста, како и потребата од континуирано задоволување на основните потреби на луѓето со храна, Петрушев уверува дека не се очекува поголема криза во снабдувањето со основни прехранбени производи.