Словенечката Нова Љубљанска Банка (НЛБ) објави дека до 15 јуни ќе затвори 10 подружници низ Словенија.
Како главна причина за овој потег од НЛБ ја наведуваат промена во навиките на корисниците , кои сè повеќе користат дигитални услуги, кои дополнително се здобија со популарност во последните месеци на пандемијата со коронавирус.

Објавата за затворањето на подружниците доаѓа кратко време откако најголемата словенечка банка и една од најголемите групации во регионот објави дека во првите три месеци остварила профит од 18,3 милиони евра, кој е за 36,9 милиони евра или за над 60% помал во споредба со истиот период минатата година.

Падот на профитот, како што информираа од НЛБ Групацијата, се должи на зголемените резервации и исправки на вредноста, како и на послабиот ефект на финансиските инвестиции.

Македонската банка НЛБ, пак, која е во сопственост на НЛБ групацијата, во првите три месеци работеше со профит од 6,8 милиони евра, што е раст од 1,87% во споредба со истиот период минатата година.
Споредбата на резултатите покажува дека дури 37% од вкупниот профит на НЛБ Групацијата во првите три месеци го направила преку македонската НЛБ Банка, која е трета најголема банка во земјава.